Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ги анализиравме нивната офанзивна игра и формациската поставеност во одбраната и сметам дека имаме доволно информации за да подготвиме противигра со која би стигнале до победа. Од првата минута ќе мора да влеземе борбено и концентрирано за ние да го диктираме темпото на игра, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, пред гостувањето кај Тулуз во 1-то коло на Лигата на Европа

РАКОМЕТ

Самиот факт дека ќе играме против екипа од францускиот шампионат доволно зборува за квалитетот на нашиот прв противник во Лигата на Европа. Во изминатите дваесетина дена ги анализиравме нивната офанзивна игра и формациската поставеност во одбраната и сметам дека имаме доволно информации за да подготвиме соодветна противигра со која би ги изненадиле и би стигнале до победа и први бодови сезонава, вели тренерот на ракометарите на Металург, Зоран Кастратовиќ, пред гостувањето во вторник кај Тулуз.
Металург со тој дуел ќе ја почне европската сезона во групната фаза на Лигата на Европа, каде што во групата А, во која се и Чеховски Медведи, Адемар Леон, Висла и Фиверс, ќе игра за едно од првите четири места на табелата, кои носат пласман во осминафиналето.
– Тулуз има квалитетна и искусна екипа, која на сите позиции е покриена со одлични ракометари, на кои брзата транзиција им е најсилно оружје. Затоа, од првата минута на мечот ќе мора да влеземе максимално борбено во одбраната и концентрирано во нападот, со единствена цел градење квалитетна и сигурна игра во која техничките грешки ќе бидат сведени на минимум, за да не му се дозволи на противникот да постигнува лесни голови, туку ние да бидеме тие што ќе го диктираат темпото на игра – вели Кастратовиќ.

Романска Турда беше пречката што Французите во 2-то квалификациско коло ја поминаа со вкупен резултат 66-62, за по шест години да се вратат на европската сцена. Нивниот претходен настап беше во сезоната 2014/2015 кога во 2-то коло од Купот на ЕХФ беа елиминирани од Мелсунген, а најдобар резултат на Тулуз е настапот во четврт-финалето на Купот на победниците на куповите во 1999 година. Тулуз, кој во францускиот шампионат сезонава одигра четири меча (победа над Шамбери и порази од ПСЖ, Ним и од Нант), од клупата го предводи поранешниот тренер на ПСЖ (до 2015 година), Филип Гарден. Тој во својот тим има 11 интернационалци (Србија, Алжир, Холандија, Норвешка, Белгија, Бразил, Унгарија, Хрватска, Португалија, Шпанија) и 17 млади ракометари од школата на францускиот тим.