Бранко Канкараш во акција

Најефикасни во составот на Металург беа пикерот Бранко Канкараш и десните бекови Мартин Серафимов и Никола Потиќ, со по четири гола, додека, пак, кај Еурофарм Пелистер Томислав Кушан со пет и Невен Степановиќ со четири гола

МЕТАЛУРГ ЗАГУБИ ОД ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР НА ПОЧЕТОКОТ НА ТУРНИРОТ „СТРУГА 2020“

Ракометарите на Металург со пораз го започнаа настапот на 48-от ракометен турнир „Струга 2020“ што традиционално се игра на отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“. Избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ во 1-то коло минимално загубија од битолски Еурофарм Пелистер со 22-24 (12-15). „Фармацевтите“ одлично ги искористија почетните десетина минути од натпреварот, во кои ни одбраната ни нападот на металурзите не беа на потребното ниво, па оттука и наметнаа контрола над играта и резултатот.
– Имавме исклучително силен противник на почетокот на турнирот. Еурофарм Пелистер покажа цврстина и во нападот и во одбраната. Нашата длабока зонска формација изгледаше некомпактно, а исто така и нападот беше без решение во почетните минути од средба. Сепак ова е прв натпревар, нозете на играчите сѐ уште се тешки, со оглед на тоа дека до вчера бевме на подготовки во Маврово.

Како и да е, во второто полувреме промената на одбранбената формација донесе посигурна игра, што ме радува, имавме можност за изедначување и пресврт, но нападот играше „топло – ладно – ладно“, па неколкуте промашувања на празен гол и сериите технички грешки беа пречка да се реализира пресвртот. Еурофарм Пелистер беше присебен во тие моменти и стигна до победата – изјави тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ.
Уште пред почетокот на турнирот во Струга, Кастратовиќ напомена дека резултатот и пласманот на турнирот ќе бидат во втор план за сметка на уигрување на екипата и на поставување на играта.
– Иако ова е прв натпревар, видовме дека постои простор за корекција и напредок, така што како ќе минува времето, верувам дека така и ќе се подига нивото и квалитетот на нашата игра. Имаме две недели пред нас да ги направиме потребните промени и корекции и да ја донесеме играта до ниво, со кое ќе можеме да ја оствариме нашата цел – пласман во групната фаза од Лигата на Европа – додаде Кастратовиќ.

Најефикасни во составот на Металург беа пикерот Бранко Канкараш и десните бекови Мартин Серафимов и Никола Потиќ, со по четири гола, додека, пак, кај Еурофарм Пелистер Томислав Кушан со пет и Невен Степановиќ со четири гола.
Во преостанатите два дуела од првиот натпреварувачки ден на турнирот во Струга, победи забележаа екипите на Прилеп и на Охрид. Прилепчани славеа во дуелот со домаќинот Струга (32-28), додека, пак, охриѓани беа подобри од Бутел (25-24).
Синоќа на програмата беа мечевите од 2-то коло, во кои Металург за противник го имаше Прилеп, Бутел играше со Еурофарм Пелистер 2, а Вардар за противник го имаше Охрид.
Во денешните мечеви од 3-то коло металурзите ќе играат со домаќинот Струга (17.15 ч.), Еурофарм Пелистер со Прилеп (19.15 ч.), а Еурофарм Пелистер 2 за противник ќе го има Вардар (21.15 ч.). Зависно од пласманот во групната фаза, в недела ќе се играат вкрстени мечеви за пласман. Првопласираните во А и Б-групите ќе играат во финалето, второпласираните ќе играат за трето место, а преостанатите за петто, односно седмо место.