Металург утре во Скопје се среќава со Горење, во реванш-мечот од 3-то коло на Купот на ЕХФ. Во првиот дуел словенечкиот тим победи со 24-19, а вкупниот победник ќе игра во групната фаза на ова натпреварување

Ракометарите на Металург утре (од 18 часот), во спортскиот центар „Јане Сандански“, во Скопје, ќе го пречекаат словенечкиот претставник Горење во реванш-мечот од 3-то коло од Купот на ЕХФ. Металурзите ќе имаат тешка задача, бидејќи во натпреварот ќе влезат со негатива од пет гола, по поразот во првиот дуел на гостински терен со 19-24, во минатиот викенд.

Тренерот Зоран Кастратовиќ е оптимист и верува дека со максимално борбена и концентрирана игра Металург може да ја анулира негативата и да обезбеди пласман во групната фаза во Купот на ЕХФ, каде што ќе настапат вкупно 16 екипи.

– Пет гола се достижна разлика, која верувам дека со игра како во првото полувреме во Словенија можеме да ја анулираме и да обезбедиме пласман во следната фаза. Мора да бидеме поконцентрирани во нападот, да нема избрзани и неизградени шутеви како што имавме во првиот меч, со кои им овозможивме користење на нивното најсилно оружје, контрата и транзицијата. Исто така, важна ќе биде и играта во одбрана, со која ќе треба да го запреме моторот на нивниот напад Алекс Кавчич и да не дозволиме игра на линијата од шест метри – рече Кастратовиќ.

Во меѓувреме, од саботниот меч до денеска, и двете екипи забележаа победи во мечевите од домашните првенства. Горење славеше на домашен терен над Добова со 29-25, во натпревар во кој централниот бек Кавчич (шест гола) и левото крило Матиц Вердинек (седум погодока) беа движечка сила во словенечкиот напад. Металург, пак, забележа гостинска победа кај Вардар јуниор со 33-31 каде што со седум гола најефикасен беше левото крило Милан Поповиќ.

Прв во групната фаза се пласира Левен, откако во средата победи и во реваншот со Минск, дома. Викендов ќе настапат и неколку македонски интернационалци, и тоа Кирил Лазаров (Нант во првиот меч дома го победи Арендал со 30-29), Филип Кузмановски (Магдебург на гости славеше над Горник со 37-25) и Борко Ристовски (Бенфика на гости загуби од Нексе со 26-30).