Карабатиќ (ПСЖ) има трофеи со Монпелје (2003), Кил (2007) и со Барселона (2015) и засега е единствен со титули освоени со три клуба

Шампионска круна од фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ) што викендов ќе се игра во Келн, Германија, желба е на вкупно 101 ракометар (ПСЖ 29, Барселона 26, Нант 24, Алборг 22), кои се дел од клупските листи со пријавени ракометари за тековната сезона. Меѓу нив има 14 играчи што досега барем еднаш ја освоиле ЛШ. Најтрофејни ракометари меѓу годинашните учесници на завршниот турнир во Келн се шпанскиот дефанзивец од редовите на ПСЖ Виран Морос, кој има три титули со два клуба, две со Сиудад Реал и една со Барселона и француската легенда Никола Карабатиќ (ПСЖ), кој има три титули со три клуба (Монпелје 2003, Кил 2007, Барселона 2015), па ако викендов ПСЖ стане шампион, тој ќе биде единствен ракометар што освоил четири титули со четири различни клуба.
Три титули со еден клуб (како играч) има и тренерот на Нант, Алберто Ентрериос, кој беше дел од Сиудад Реал. Меѓу полуфиналистите Барселона има петмина ракометари со најмалку две европски титули, Арон Палмарсон (со Кил 2010, 2012), Аитор Арињо, Раул Ентрериос, Гонзало Перез де Варгас и Седрик Сораиндо (сите со Барселона 2011 и 2015), плус тренерот Чави Пасквал со две титули на чело на Барселона (2011 и 2015).
На вечната листа шампиони, најуспешен во историјата на ЛШ е Андреј Хепкин со седум европски титули, од кои шест со Барселона (1996-2000 и 2005) и една со Кил (2007).