РАКОМЕТ

Француската ракометна ѕвезда Никола Карабатиќ (37) е новиот олимписки рекордер според бројот на одиграни натпревари на олимписките ракометни турнири. Дуелот на Франција против Бахреин беше негов 36-ти меч на олимпијадите, со кој го помина легендарниот руски голман Андреј Лавров, кој застана на бројката од 35 настапи. На третото место на вечната листа е клупскиот и репрезентативен колега на Карабатиќ, Мишел Гигу, кој има 33 натпревари, а доколку не се случи нешто непредвидено до крајот на ОИ во Токио, ќе се израмни со Лавров на втората позиција.
За Карабатиќ и за Гигу ова се петти ОИ, а првиот настап и двајцата ветерани го имаа во 2004 година. Во 2008 и 2012 година беа олимписки прваци, а на последните Игри во Рио во 2016 година го освоија среброто.
Епитетот, пак, најдобар стрелец во историјата на ОИ, пред неколку дена го завери данската ракометна легенда Микел Хансен (33), кој по мечот со Бахреин стигна до бројката од 133 гола и со тоа го мина Јужнокореецот Јун Кјунг Шин, кој зад себе има 127 гола. За Хансен ова е четврта Олимпијада, а тој и Данска ја имаат улогата на бранители на титулата олимписки шампиони од ОИ во Рио 2016.