Младиот среден бек Бобан Каковски (21) во следните четири години ќе ги брани боите на клубот од Автокоманда

РАКОМЕТ

Ракометниот клуб Металург го доби своето ново засилување за претстојната натпреварувачка сезона. Станува збор за младиот македонски ракометар, средниот бек Бобан Каковски (21), кој дојде од Голден арт КЛ7 и кој во следните четири години ќе ги брани боите на Металург. Каковски потекнува од ракометна јуниорска школа во Битола, која подоцна еволуира во Работник, па во Еурофарм Работник, а сега Еурофарм Пелистер. Каковски има и репрезентативно искуство, бидејќи бил дел од кадетската и од јуниорската репрезентација на Македонија.
– За мене е големо задоволство и голема чест што потпишав за клуб каков што е Металург, кој има долга и богата историја и кој во блиското минато ги победувал најсилните екипи во Лигата на шампионите и чиј дрес го носеле многу славни ракометни имиња. Особено сум горд што ќе продолжам да се развивам под раководството на тренерот Иван Марковски, кого исклучително го ценам. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на раководството на Металург и ќе го дадам својот придонес во новата сезона – изјави младиот Каковски, при потпишувањето на четиригодишниот договор.
Претходно договорите ги продолжија голманот Даниел Дупјачанец, хрватското десно крило Златко Хорват, пикерот Милан Лазаревски, а двегодишен договор потпиша и пикерот Костадин Петров, кој ги бранеше боите на Металург од 2015 до 2018 година. Во мај годинава потпис за настап во следните две сезони за Металург ставија и прославените француски ракометари и долгогодишни репрезентативци, браќата близнаци Кевин Њокас (десен бек) и Оливие Њокас (лев бек). Тие се први Французи што ќе го носат дресот на Металург. Нов тригодишен договор со клубот потпиша и тренерот Иван Марковски, кој во Автокоманда пристигна при крајот на март годинава.