Со вчерашните тренинзи во салата „Автокоманда“ во Скопје почна подготовката на македонската машка кадетска репрезентација, која ќе биде дел од 17. Медитерански игри за ракометари до 19 години (родени 2002/2003), кои ќе се одржат во Атина, Грција (17-22 февруари). На првенството ќе настапат 14 селекции, од кои осум европски (Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Грција, Романија, Шпанија и Турција), три азиски (Саудиска Арабија, Бахреин и Кувајт) и три африкански (Тунис, Египет и Мароко), поделени во две групи со по седум репрезентации. Четирите најдобропласирани во групите ќе продолжат во четврт-финалето, а победниците од таа фаза ќе обезбедат пласман во полуфиналето и борбата за медали. Поразените во четвртфиналната рунда, пак, ќе разигруваат за пласман од 5-то до 8-мо место, додека оние што нема да обезбедат четврт-финале ќе разигруваат за пласман од 9-то до 14-то место. Ждрепката на групите ќе се влече на 16 февруари, ден пред почетокот.