Кадетите се подготвуваат за настап на Светското првенство летово во Македонија

По поразот од Германија, македонските кадети на меѓународниот турнир во Бугојно ги победија Србија со 35-26 и Швајцарија со 32-22, па денеска во полуфиналето ќе играат со Словенија или со Полска

По воведниот пораз од селекцијата на Германија (31-24) македонските кадети влегоа во победнички ритам и со одлична, ефикасна и борбена игра забележаа две победи во низа на седмиот меѓународен традиционален ракометен турнир „Ракометот е мојата иднина“ во Бугојно (БиХ), а е во организација на Ракометната федерација на Катар.

Македонските ракометни надежи од генерацијата 2000/2001 прво славеа над своите врсници од Србија со 35-26, а потоа во последниот меч од групата А вчера беа подобри и од репрезентацијата на Швајцарија со 32-22. Најефикасни во македонскиот состав и во овие два меча беа десниот бек Мартин Серафимов и десното крило Ненад Костески. Во трите натпревари Серафимов постигна 26, а Костески 22 гола од кои 13 во дуелот со Србија.

Во другите дуели на турнирот Србија славеше над Швајцарија со 28-24, а победа над Швајцарија забележа и Германија со 34-21. Од групата А во полуфиналето се пласира и Германија.

Во групата Б Словенија беше подобра од домаќинот БиХ со 31-29, а победи над селекцијата на Катар славеа Полска (37-14) и Словенија (31-18). По изедначеното прво полувреме во дуел меѓу БиХ и Полска победата им припадна на Полјаците, кои ја презедоа иницијативата во продолжението од мечот и славеа со 31-26.

Со овие две победи македонските кадети си обезбедија место во денешното полуфинале, каде што противник ќе им биде првопласирана селекција од групата Б, односно победникот од синоќешниот дуел Словенија – Полска. Бранител на трофејот од минатогодишниот турнир е селекцијата на Германија.