Голманот Марко Кизиќ го брани пеналот на 15 секунди до крајот на мечот

Македонските ракометни кадети (18 год.) со гол во последната секунда ги победија своите врсници од Фарски Острови со 30-29, следен противник е Швајцарија

Одбранетиот седмерец на голманот Марко Кизиќ и потоа постигнатиот гол на десното крило Ненад Костески во последната секунда од натпреварот, ја однесоа Македонија во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот, дивизијата Б што се игра во Тбилиси, Грузија.

Во исклучително тежок и изедначен натпревар во кој неизвесноста траеше во текот на целиот меч, македонските ракометни кадети (18 год.) со гол во последната секунда ги победија своите врсници од Фарски Острови со 30-29 (16-16), а во претходниот напад на противникот, голманот Кизиќ одбрани пенал со кој го отвори патот до победата на Македонија. Со овој триумф избраниците на селекторот Данило Брестовац го заверија својот пласман во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот.

Кадетите имаа лош почеток на натпреварот во кој противникот поведе со 8-4, но набрзо играта доби поинаков тек, па Македонија изедначи на 9-9. Добриот ритам на македонските надежи траеше до 28-та минута (16-12), но со серија од 4-0, островјаните на полувреме заминаа со 16-16. Второто полувреме донесе уште потешка и понеизвесна борба, зачинета со чудни и смешни одлуки на судиската двојка од Белгија и од Холандија. Со голот на Мартин Серафимов на една минута до крајот жолто-црвените изедначија на 29-29, Фарските Острови на 15 секунди до крајот добија поклон седмерец, а одличниот голман Кизиќ беше на вистинското место и не дозволи радост на противникот. Осумте преостанати секунди им беа доволни на македонските кадети за организација и реализација на победничкиот гол.

Најефикасни во победата на Македонија беа, Мартин Серафимов со девет, Ненад Костески со шест, а Дејан Џигероски и Дарко Кондев постигнаа по пет гола.
Денес во 11 часот Македонија за противник ќе ја има Швајцарија, која исто како и Македонија е непоразена во досегашниот тек од натпреварувањето. Победникот од овој дуел ќе ја освои првата позиција на табелата во групата А и во полуфиналето ќе вкрсти со второпласираната селекција од групата Б.