Капитенот Мартин Серафимов

Македонија ќе биде дел во групата А со Србија, Швајцарија и бранителот на минатогодишниот трофеј, Германија

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија од утре, па до недела ќе биде дел од традиционалниот меѓународен турнир „Ракометот е мојата иднина“, што по седми пат се одржува во Бугојно, БиХ, под покровителство на Ракометната федерација на Катар.

Учеството на турнирот во Бугојно ќе биде прва фаза од подготовките на кадетската селекција, на генерацијата 2000/2001 година, која во август ќе биде домаќин на Светското првенство (СП).

Селекцијата предводена од селекторот Данило Брестовац ќе биде дел во групата А, каде што противници ќе ѝ бидат Србија, Швајцарија и бранителот на минатогодишниот трофеј, Германија. Групата Б ќе ја сочинуваат Словенија, Полска, Катар и БиХ.

– Следните неколку дена ќе бидеме дел од еден од најсилните турнири на Балканот за млади категории ракометари, што ќе ни биде одличен тест во рамките на подготовките за СП. Селекцијата на Германија, која е нашиот прв противник, е меѓу петте најдобри во Европа. Очекувам да одиграме натпревари со висок интензитет, кои ќе бидат одлична проверка за нашите можности и патоказ за натамошната работа и надградба на играта до почетокот на СП – изјави Брестовац.

На турнирот, осумте селекции во две групи ќе играат според принципот секој со секого, а потоа следуваат вкрстени мечеви за пласман.