Maртин Серафимов

Машката кадетска А-репрезентација на Македонија ја запиша и третата победа на меѓународниот ракометен турнир што се одржува во салата „Автокоманда“ во Скопје. По победите над Б-селекцијата на Македонија со 25-21 и над Црна Гора со 24-22, македонските кадети ја совладаа и Полска, со 25-22.

Синоќа избраниците на селекторот Данило Брестовац за противник ја имаа селекцијата на Србија, а во денешниот последен дуел од 5-то коло, противник на македонските кадети ќе биде репрезентацијата на Унгарија, која важи за најголем ривал за освојување на првото место на турнирот. Б-селекцијата на Македонија, пак, забележа три порази, и тоа од А-тимот (21-24), потоа од Унгарија (14-26) и од Србија (24-25). Синоќа противник на оваа селекција беше Црна Гора, а во денешниот последен натпреварувачки ден силите ќе ги одмерат со врсниците од Полска.