Стадионот „Роуз боул“ во Лос Анџелес

Земји-домаќини на 15. ЕП 2022 ќе бидат Унгарија и Словачка. Натпреварите ќе се играат во шест града. Прелиминарните натпревари ќе се играат во Веспрем (капацитет за 8.500 гледачи), Сегед (10.000) и во Дебрецин (8.000) во Унгарија, како и во Братислава (12.500) и во Кошице (8.300) во Словачка. Едната група од главната рунда ќе се игра во салата „Ондреј Непела“ во Братислава, втората во Будимпешта, каде што ќе се играат полуфиналето и финалето. Домаќин на финалниот натпревар ќе биде салата „Ласло Пап“, која има капацитет од 12.000 гледачи. Будимпешта е актуелен домаќин на мечевите од фајнал фор во Лигата на шампиони во женска конкуренција.

ЕП 2024 година, пак, ќе се игра во Германија, отворањето ќе биде пред 50.000 гледачи во „Есприт арената“ во Дизелдорф. Германија првпат ќе биде домаќин на ЕП, мечевите ќе се играат во Минхен, Хамбург, Берлин, Хановер и во Манхајм. Финалниот викенд ќе се игра во арената „Ланксес“ во Келн, каде што се играат мечевите од машкиот фајнал фор во ЛШ.

Петнаесеттиот континентален собир во женска конкуренција, кој ќе се игра во ноември 2022 година по принципот на машкиот во ЕП 2020, првпат ќе се игра во три држави, и тоа во Македонија, Црна Гора и Словенија. Една од прелиминарните групи ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Во Црна Гора ќе се игра во салата „Морача“, а во Словенија ќе се игра во салите во Целје и во Љубљана. Финалниот викенд ќе се игра во салата „Стожице“ во Љубљана, која има капацитет од 12.000 гледачи. М.П.