Се предвидува при пасивна игра бројот на дозволени додавања да се намали од шест на четири, а ИХФ ќе тестира и правило за почеток на напад веднаш по примен гол, без изведување од центар. По тестирањата, евентуалните измени на правилата би стапиле во сила на почетокот на следната сезона

Свесни сме дека сезоната 2020/2021 има премногу обемен натпреварувачки календар. Освен стандардните домашни клупски натпреварувања, на ракометарите им претстојат и Светското првенство (СП) и Летните олимписки игри (ЛОИ), што претставува голем напор за нив, па затоа решивме со овие мерки да им излеземе во пресрет, изјави директорот за натпреварувања при Светската ракометна федерација (ИХФ), Патрик Штрауб.
ИХФ усвои неколку измени за СП во Египет. Така, селекторите ќе имаат поголем избор на играчи во пресрет на секој меч, што значи дека наместо од досегашните 16 играчи, селекторите ќе можат да сметаат на 20, без притоа да пријавуваат измена во составот како досега. Протоколот за натпревар и понатаму предвидува 16 играчи на клупата, но тие ќе можат да се избираат меѓу 20-те што ќе се пријават пред првиот натпревар. До крајот на СП, селекторите ќе имаат право уште на пет измени од поширокиот список, наместо досегашните две. Како дел од мерките е и зголемениот бројот на ракометри на поширокиот список на селекторите од 28 на 35 играчи.

Од ИХФ се најавени и тестирања за промена на три правила, за бројот на додавања при пасивна игра, ситуацијата во која голман ќе биде погоден во глава со топка, како и укинување на изведувањето од центар по примен гол.
При пасивна игра, бројот на дозволени додавања од моментот кога судиите ќе кренат рака ќе се намали од шест на четири. Во ситуација кога одбранбен играч ќе блокира шут, а топката ќе се врати кај напаѓачката екипа, тоа ќе се брои како едно додавање. Судиите повеќе нема да ја казнуваат со црвен картон ситуацијата кога играч ќе го погоди голманот со топка во глава, туку со исклучување на две минути, независно од која позиција или кој дел на теренот е упатен шутот.

Единствен исклучок за несанкционирање на удар во глава на голман ќе биде ако шутот е упатен под прекршок. Третото правило што ќе се тестира е почеток на напад веднаш по примен гол, без изведување од центар. Екипата по примен гол ќе може веднаш да почне напад по исфрлањето на топката од голманот надвор од шесте метри. Ова правило ќе биде и индиректен удар на играта „седум на шест“, бидејќи екипите што практикуваат таква игра ќе имаат помалку време за измена на голманот.
По тестирањата, евентуалните измени на правилата би стапиле во сила на почетокот на следната сезона.