Фото: Игор Бансколиев

Македонија не успеа повторно да го совлада Исланд, кој стигна до реми 24-24, со гол на три секунди пред крајот на мечот од 4. коло од квалификациите за Европското првенство в година, одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“. Со освоениот бод Македонија остана на првата позиција на табелата и значително ги зголеми шансите уште еднаш да се пласира на големо натпреварување.

Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен кај Македонија со осум гола, исто колку што постигна и Омар Магнусон во гостинскиот состав. Репрезентативниот голман Борко Ристовски, пак, забележа 12 одбрани.

„Црвено-жолтите“ го задржаа првото место на табелата во групата 3, со пет бода, колку што има и второпласираниот Исланд, од кој пак, Македонија е подобра во меѓусебните дуели (славеше со 34-33 во Рејкјавик). Турција е на третата позиција со четири бода, откако денеска ја совлада Грција со 26-23. Грците се последнопласирани со два поени. Водечките две селекции од групата ќе обезбедат пласман на ЕП 2020, како и четирите најдобри третопласирани репрезентации од осумте квалификациски групи.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац во следното коло гостуваат во Турција, на 12 јуни.