РАКОМЕТ

По одлуката на француската влада за продолжување на вонредната состојба и строгата изолација на земјата и во наредните 30 дена, поради пандемијата на коронавирусот, Ракометната федерација на Франција ја заврши сезоната и го прогласи Пари Сен Жермен за првак на осум кола до крајот на сезоната. Федерација се состанала со клубовите на видеоконференција, на која била донесена одлука како конечна да се земе моменталната состојба на табелата.

ПСЖ ја освои шестата титула во низа, или седма вкупно со која обезбеди место во Лигата на шампионите (ЛШ). Вицешампион на Франција е тимот на македонскиот капитен Кирил Лазаров, Нант, кој имаше шест бода помалку од ПСЖ и заедно со Ним, Монпелје и со Тулуз следната сезона ќе игра во новоформираната Лига на Европа. Французите одлучија сезонава да нема испаѓање од лигата, па опстанаа Кретеј и Трембле, а нови прволигаши се Сесон Рен и Лимож како најдобропласирани во Втората лига. Првенството заврши и во женскиот шампионат, но уште не е објавен првакот, со оглед на тоа дека Брест и Мец ја делат првата позиција на табелата со еднаков број бодови.

Претходно крај на првенствата и прваци прогласија ракометните федерации на Данска (Алборг во машка и Есбјерг во женска конкуренција), Исланд (Валур и Фрам), Луксембург (Еш и Керјенг), Словенија (Целје и Крим) и на Полска (Киелце), а Унгарија, Норвешка, Шведска, Финска, Швајцарија, Австрија, Словачка и Холандија ги поништија сезоните.