Фото: Игор Бансколиев

На листата на ЕХФ се Лазаров, Карабатиќ, Сигурдсон, Хансен и Динар, кои би можеле
да испишат нова страница во ракометната историја на претстојното ЕП

На три седмици пред почетокот на 14-то Европско првенство (ЕП) за мажи во Австрија, Норвешка и во Шведска, Европската ракометна федерација (ЕХФ) го смести македонскиот капитен Кирил Лазаров во елитното друштво ракометари што би можеле да испишат нова страница во ракометната историја на претстојното ЕП. На таа листа на ЕХФ се уште тројца капитени, Никола Карабатиќ од Франција, Гудјон Валур Сигурдсон од Исланд, Микел Хансен од Данска и селекторот на Франција, Дидие Динар.

Лазаров е сопственик на два специјални рекорди, тој е најдобар стрелец на светските првенства (СП) со 92 гола од Мундијалот пред 10 години и најдобар стрелец на ЕП со 61 гол од ЕП 2012. Македонскиот капитен беше најдобар стрелец и на СП во Франција во 2017 година. Карабатиќ, играчот со најмногу мечеви на ЕП (60), ќе атакува на соборување рекорд, кој е во сопственост на неговиот клупски колега од ПСЖ, Сигурдсон. Исланѓанецот е најдобар стрелец во историјата на ЕП со 270 гола, а Карабатиќ има 256 погодока. Ако Франција стигне до златото, Карабатиќ ќе биде првиот ракометар сопственик на четири европски круни, а да не е играч на Шведска, која освои четири титули од 1994 до 2002 година. Досега по четири европски злата имаат Швеѓаните Ола Линдгрен, Штафан Олсон, Штефан Левгрен, Магнус Висландер и Мартин Франдесјо.

Сигурдсон, пак, покрај тоа што е најдобар стрелец на ЕП, тој е ракометар со најмногу настапи на ЕП, 11. На ЕП дебитира во 2000 година. Свое место во историјата ќе брка и Хансен, кој може да стане единствен во историјата што стигнал до злато и до признанија за најкорисен играч (МВП) на три големи натпреварувања во низа. Тој веќе ги има овие признанија на ЛОИ во Рио во 2016 година и на СП во 2019 година. Ако Франција стане европски првак, Динар ќе биде прв во историјата што стигнал до европска круна и како играч и како селектор. Европски првак како ракометар беше во 2006 и во 2010 година, а сега ќе се обиде истиот успех да го повтори и како предводник на „триколорите“.

На листата на ЕХФ има и едно безимено место, именувано како „мистер икс“, а ЕХФ се прашува дали некој би можел да го достигне рекордот на Норвежанецот Кјетил Странд, кој постигнал 19 гола на мечот со Исланд на ЕП 2006 во Швајцарија. Најблиску до него досега бил чешкиот репрезентативец Андреј Здрахала, кој на ЕП 2018 постигна 14 гола во дуелот со Унгарија.