Предвидено е конвенцијата да се одржи од 17 до 20 септември во Виена, а ќе учествуваат претседателите и генералните секретари на националните федерации

Пандемијата на коронавирусот и понатаму предизвикува главоболки и за челниците на Европската ракометна федерација (ЕХФ), кои разгледуваат планови и алтернативи за што побрзо враќање на ракометот и играчите на терен и за справување со последиците предизвикани од мерките и забраните, кои ја придружуваат пандемијата.Европската ракометна куќа ги извести и ги повика на учество сите федерации-членки на премиерната „Европска ракометна конвенција“, која треба да биде првиот голем состанок откако коронавирусот доведе до застој во спортот на европско ниво. На конвенцијата, која е предвидено да се одржи од 17 до 20 септември во Виена, и на која ќе учествуваат претседателите и генералните секретари на националните федерации, главна тема ќе бидат „блиската и среднорочната иднина на европскиот ракомет“.

– Во текот на следните месеци ќе имаме променет пејзаж во спортот, медиумите и во маркетингот. Некои спортови ќе имаат поголеми предизвици од другите, особено во областа на глобалните активности, потенцијалните партнери бараат јасна слика и стабилни структури – пишува во изјавата на претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, објавена на интернет-страницата на ЕХФ.
Според Видерер, ЕХФ со сите расположливи сили активно се подготвува за да обезбеди добар и сигурен почеток на претстојната сезона.

– Планираме претстојната сезона да почне регуларно како и претходните, но во случај на непредвидени предизвици, кои не можеме да ги надминеме, ќе бараме решенија што ќе овозможат идејата за „играње“ да не застане. Мора да најдеме начин да играме што е можно порано, но ќе мора да ги земеме предвид условите. Мора да продолжиме да одиме напред и да ја подготвуваме претстојната сезона бидејќи не станува збор само за договори и за испорачување на нашите обврски туку и за мотивирање на луѓето да земат топка во своите раце и да играат – рече Видерер.