Наша должност е да им помагаме на клубовите и на федерациите и да обезбедиме контролирано и безбедно продолжување на ракометниот спорт во текот на сезоната, вели генералниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслајтнер

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе им распредели 10.000 брзи тестови за коронавирус на клубовите што играат во европските купови и на националните федерации чии репрезентации се дел од квалификациите за големите натпреварувања, за намалување на трошоците при организација на натпреварите и полесно спроведување на здравствените протоколи. Резултатите од овие тестови ќе бидат готови за 15 минути.
– Како чувари на европскиот ракомет, наша должност е да им помагаме на клубовите и на федерациите во оваа критична ситуација со коронавирусот и да обезбедиме контролирано и безбедно продолжување на ракометниот спорт во текот на сезоната 2020/2021. Дистрибуцијата на овие тестови ќе го олесни финансискиот товар на клубовите и на федерациите во овие тешки моменти. Се надеваме дека комплетите ќе помогнат да се спречи ширењето на вирусот и да се осигури дека сите ракометари и стручните тимови ќе може да се натпреваруваат во безбедна средина – изјави генералниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслајтнер.
Пакети со тестовите од ЕХФ ќе добијат Вардар, Металург и Еурофарм Пелистер кај мажите, како и Чаир и Куманово во женска конкуренција, а, исто така, и машката и женската сениорска репрезентација, кои ќе играат во квалификациите за Европското првенство, односно во квалификациите за Светското првенство.