РАКОМЕТ

Доколку некој тим пријави позитивни случаи на коронавирусот за време на одигрувањето на осминафиналната фаза во ракометната Лига на Европа (ЛЕ), мечот ќе може да се презакаже и да се одигра во периодот до 30 март, за кога се закажани реванш-дуелите, стои во известувањето што го објави Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница. Можна опција е двата натпревара да се одиграат до 30 март, може да се играат ден за ден или со еден ден одмор помеѓу нив, според договорот на екипите. Правото за домаќинство на двата меча ќе му припадне на тимот што немал ограничувања поради пандемијата.
Ако, пак, поради коронавирусот се доведе во прашање одигрувањето на реванш-мечот, во тој случај натпреварот нема да се игра и тимот што не е во позиција да го одигра натпреварот ќе биде исклучен од натпреварувањето, без разлика на резултатот од првиот дуел. Истите услови ќе важат и ако во меѓувреме некоја од владите на земјите што имаат клубови во ЛЕ воведе ограничувања (забрана за влез и за излез во државата, задолжителен карантин по пристигнувањето и сл.) поради кои ќе се оневозможи одигрувањето на мечот. Доколку се појават други ситуации (неповрзани со ковид-19) што спречуваат да се одигра некој од натпреварите, тие ќе бидат решени во согласност со прописите, пишува во известувањето на ЕХФ.