Во пресрет на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ), Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја објави идеалната постава за сезонава, а меѓу најдобрите седуммина, заедно со најдобриот дефанзивец и најдобриот млад играч, покрај ракометари што учествуваа на фајналфорот во Келн, е и голманот на Кил, Никлас Ландин.

Меѓу најдобрите има четворица ракометари на Барселона, од кои левото крило Алекс Гомез, централниот бек Лука Циндриќ, десниот бек Дика Мем и пикерот Лудовик Фабрегас. Од редовите на ПСЖ се левиот бек Микел Хансен и најдобриот млад играч, десното крило Дилан Наи. Нант го има најдоброто десно крило Валеро Ривера, а Алборг го даде најдобриот дефанзивец сезонава, левиот бек Хенрик Мелгард. За тренер на идеалниот тим во сезоната 2020/2021, ЕХФ го избра стратегот на Нант, Алберто Ентрериос.

На синоќешното доделување на наградите, ЕХФ на семејството на трагично починатиот голман на Порто, Алфредо Кинтана, постхумно му додели специјално признание „Засекогаш ѕвезда“.