Седум победи во седум одиграни кола и прво место на табелата е ефектот што го бележат ракометарите на Еурофарм Работник во машката Суперлига. Победата над Борец со 41-18 беше најлесната задача што ја имаа во досегашниот тек од сезоната. Значајни победи за задржување на чекор кон врвот и обезбедување место во плејофот забележаа Пелистер, Пролет и Бутел, кои до победите стигнаа на гостински терен. Пелистерци славеа над Струга со 27-23, Пролет го победи Радовиш со 37-31, а Бутел беше супериорен во дуелот со Вардар јуниор 31-22. Синоќа ракометарите на Охрид му гостуваа на Прилеп.

Ракометарките на Стружанка го направија најголемото изненадување во мечевите од 10-то коло од женската Суперлига, победувајќи го дома Металург со 25-23. Ова го искористи Куманово, кој со победата над Вардар со 29-27 се искачи на врвот на табелата со 25 бода, еден повеќе од Металург, а по три од Вардар и од Стружанка. Екипата на Овче Поле остана без бодови и по десеттиот меч сезонава, кој го загуби со 21-29 од прилепскиот состав Деспина. Убедлива и лесна победа славеше Пелистер (42-20) во дуелот со ЦЕМС, кој во Битола допатува само со пет ракометарки.