Ждрепката за одредување на групите во ЛШ ќе биде на 1 јули, а ждрепката за квалификациите во Лигата на Европа ќе се одржи на 28 јули

Европската ракометна федерација (ЕХФ) негативно одговори на барањата за вајлд-карта на македонските вицешампиони Еурофарм Пелистер во машка и Куманово во женска конкуренција, за место во групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ). На тој начин тие нема да бидат дел од ракометна елита, која сезонава ќе игра по нов формат со 16 екипи поделени во две групи, наместо досегашните четири групи и 28 екипи.
Десет екипи според рејтингот на земјите добија директно место, додека за преостанатите шест места ЕХФ подели вајлд-карти според претходно утврдени критериуми.

Извршниот комитет на ЕХФ ги прифати апликациите на францускиот вицервак Нант, вицепрвакот на Унгарија, Сегед, норвешкиот првак Елверум, украинскиот шампион Мотор Запорожје, словенечкиот првак Целје и белорускиот шампион Мешков.
Директно место во групната фаза во новата ЛШ добија шампионот и вицешампионот на Германија, Кил и Фленсбург, францускиот првак ПСЖ, македонскиот шампион Вардар, хрватскиот првак Загреб, унгарскиот првак Веспрем, шампионот на Данска Алборг, португалскиот првак Порто, шампионот на Шпанија Барселона и полскиот првак Киелце.
Екипите што ја загубија трката за вајлд-карта во ЛШ (Еурофарм Пелистер, Адемар Леон, Спортинг, Кадетен, Бешикташ, Висла Плок, Динамо Букурешт и Гудме) ќе добијат директно место во новоформираната Лига на Европа, која ќе има 24 екипи.
Ждрепката за одредување на групите во ЛШ ќе биде на 1 јули, а ждрепката за квалификациите во Лигата на Европа ќе се одржи на 28 јули.

Трета година едноподруго Македонија нема да има претставник во најелитното женско клупско натпреварување ЛШ, откако ЕХФ негативно одговори на барањето за вајлд-карта на Куманово.
ЕХФ ги прифати апликациите на Букурешт, ЦСКА Москва, Риал Карго, Битигхајм, Подравка, Крим и Брест Бретањ. Освен Куманово, одбиени беа Сторхамар, Бањик Мост и Кастамону. Така, дел од новата сезона во женската ЛШ ќе бидат данските екипи Есјберг и Оденсе, француските Брест и Мец, германските Борусија Дортмунд и Битхингам, унгарските Ѓер и Риал Карго, романските Валчеа и Букурешт, руските Ростов Дон и ЦСКА Москва, како и шампионските екипи на Хрватска, Црна Гора, Словенија и Норвешка (Подравка, Будуќност, Крим и Кристијансанд).