По одличниот прв меч и предноста од 10 гола од дуелот со швајцарскиот претставник Берн, ракометарите на Еурофарм (победија со 29-19) со едната нога се пласирани во групната фаза од Купот на ЕХФ. Одличната одбранбена линија со Милорад Куковски и со Никола Марковски на линијата од шест метри и расположениот голман Градимир Чаневски беа главниот адут во тактичката поставеност на играта на битолчани.

Гостинските ракометари беа конкурентни само до 15-та минута од натпреварот (7-6), а потоа следуваше фуриозна серија на битолчани од 8-1 за на полувреме да заминат со комотна предност од 15-7, која само рутински ја одржаа и ја зголемија во продолжението од натпреварот.

Најефикасен во битолскиот состав беше десното крило Милан Ѓукиќ со 11 реализации, а осум гола додаде Филип Кузмановски. Реванш-мечот од 3-то коло од ЕХФ-купот на програмата е в недела (13 часот) во Гумлиген, Швајцарија. Во минатата сезона битолчани беа дел од Купот Челинџ на ЕХФ каде што во осминафиналната фаза беа запрени од норвешкиот претставник Филинган.