Малку недостигаше македонскиот ракометен првак Вардар да биде поразен од амбициозниот состав на Еурофарм работник, на гости во Битола. Вардарци успеаја да победат со 30-28, иако избраниците на Стефче Алушовски имаа голема предност на полувремето, 18-10. Предноста ја одржуваа до средината на вториот дел по што следуваа серија промашувања и технички грешки. Вардарци како да се разбудија, ја презедоа иницијативата и за 15 минути направија целосен пресврт, крунисувајќи го со победа.

Ова беше заостанат дуел од првото коло од плејоф завршницата во која Вардар треба да одигра уште еден натпревар, со Бутел. Еурофарм му приреди одлична шок-терапија на македонскиот шампион, на кого за седум дена му претстои првиот четвртфинален дуел во Лигата на шампиони (ЛШ) против унгарскиот првак Пик Сегед.

– Вардар многу опуштено влезе во мечот, нешто што не им е својствено. Секоја друга екипа по толкава предност веројатно ќе одиграше поинаку во продолжението, но ние како да се исплашивме од шансата да победиме – изјави Алушовски по мечот.
Викендов на ракометните терени ќе се играат четвртфиналните дуели од Купот на Македонија.