РАКОМЕТ – ГЕРМАНИЈА ГИ ОДРЕДИ ГРАДОВИТЕ ДОМАЌИНИ НА ЕП 2024

Организаторите на ЕП во Германија планираат отворањето на првенството да биде на фудбалската арена во Диселдорф, со капацитет од 50.000 седишта, со што би се соборил светскиот рекорд за број на гледачи на ракометен натпревар на големо натпреварување

Иако има уште три години до одржувањето на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во ракомет за мажи, Ракометната федерација на Германија ги објави градовите и арените во кои ќе се игра 16-то Европско првенство за сениори.

Континенталното првенство во Германија ќе биде различно од сите досега одиграни шампионати во ракомет, поради тоа што организаторите планираат отворањето на првенството да биде на фудбалската арена „Меркур Шпил“ во Диселдорф, која има капацитет за 50.000 гледачи, со што би се соборил светскиот рекорд за број на гледачи на еден ракометен натпревар на големо натпреварување.

– Горди сме што арената „Меркур Шпил“ во Диселдорф ќе биде местото на отворање на ЕП 2024. Со својата инфраструктура, подвижниот покрив и можноста за загревање, арената во Диселдорф е идеално место за поставување светски рекорд во следење ракометен натпревар во затворен простор. Нашите стручни тимови ќе се погрижат за целата работа за меганастанот, за гледачите и учесниците на теренот да се чувствуваат целосно удобно – изјави директорот на арената, Мајкл Брил.

Градови домаќини на Европското првенство во 2024 година ќе бидат и Манхајм, Берлин, Минхен, Хамбург и Келн, каде што е предвидено да се одигра финалето.