Тренерот на Киелце предлага завршен турнир во ЛШ во јуни, и тоа со осум,
наместо со четири тима

Голем број реакции на ракометарите и на тренерите има по најавата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за алтернативните датуми за одигрување на мечевите од осминафиналето и од четврт-финалето, како и датумите за фајналфор-турнирите во август и во септември во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Купот на ЕХФ, кои доаѓаат како последица од прекинот на сезоната поради пандемијата на коронавирусот.
Тренерот на полскиот првак Киелце, Талант Душебаев, упати интересен предлог до ЕХФ, во кој предлага завршен турнир со осум наместо со досегашните четири екипи. Во периодот кога се планирани четвртфиналните елиминациски двомечови, да се игра завршниот турнир за да можат сите играчи да бидат во постојните екипи, за разлика од август, кога би биле со изменет состав.

– За мене најважно е да ја завршиме сезоната. Не гледам зошто, наместо да играме четврт-финале, сите четвртфиналисти да се пласираат на завршниот турнир, кој би бил фајнал-ејт наместо фајнал-фор. Ако осминафиналињата се во првиот дел од јуни, тогаш овој турнир може да се заврши кон крајот на јуни и сезоната да заврши регуларно, со сите играчи во своите постојни клубови – вели Душебаев во предлогот до ЕХФ.

Тој, исто така, додаде и дека со одржување на завршниот турнир во август дополнително ќе го згусне распоредот за следната сезона, во која, покрај завршниците од ЛШ и Купот на ЕХФ, предвидено е да се играат и квалификациските мечеви за пласман на Светското првенство и за Летните олимписки игри.