Фото: Маја Јаневска-Илиева

Металург во подготвителниот период во јануари славеше на турнирот во Гренобл, а Загреб победи во Макарска, пред денешниот дуел, прв официјален
годинава, во Регионалната лига, во Скопје

Хрватскиот првак Загреб ќе биде денешниот противник на Металург во продолжението од сезоната во Регионалната лига (20.15 часот, пренос на МТВ) во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Загрепчани во Скопје доаѓаат со нов предводник од клупата, Словенецот Бранко Тамше, кој во средината на јануари го зазеде местото на поранешниот тренер на металурзите, Лино Червар. Тренерот на Металург Данило Брестовац изјави дека во од ќе треба да се адаптира на играта со која ќе се спротивстави словенечкиот стратег.
– Тамше сигурно ќе има некоја нова концепција на играта за Загреб. Тактички, тој има дијаметрално спротивен пристап на играта за разлика од Червар. Лино повеќе ја почитува топката и истата таа ја темелеше на долги напади со цврста одбрана во формација 6-0, за разлика од Тамше, кој сака ракомет со многу трчање и динамична и подвижна игра. Затоа ќе мора на терен да се приспособуваме и соодветно да реагираме на поставената игра – изјави Брестовац.

Тамше на клупата на Загреб е само две седмици и за тоа кратко време со хрватскиот првак одигра пет пријателски натпревари, меѓу кои и турнирот во Макарска, кој го освои по убедливите победи над Рико Рибница од Словенија со 41-33 и над Зрински Мостар од БиХ со 44-25, па полни со самодоверба и оптимизам влегуваат во денешниот дуел со Металург.

– Металург одработи одлична мини-турнеја во Франција на која покажа добар ракомет. Донесе и неколку нови играчи, кои одлично се вклопија во екипата. Но и ние одработивме добри подготовки. Во Скопје доаѓаме со победа во мислите, иако знаеме дека нема да биде лесно. Од играчите сакам само да го одиграат она што го работевме на тренинзите во изминатиот период и да ја оправдаат довербата на терен. Задоволен сум што голем дел од играчите во овој краток период реализираа голем дел од моите замисли, иако морам да кажам дека ни претстои уште многу работа – изјави Тамше.
Оптимизмот, но и почитта спрема Металург што владеат меѓу играчите на Загреб ги пренесе голманот Урх Кастелиќ.

– Овој натпревар многу ни значи бидејќи сакаме со победа да го направиме првиот чекор кон пласманот на фајналфор-турнирот во Регионалната лига. Свесни сме дека нема да биде лесно и дека ќе мораме да дадеме сѐ од себе за да стигнеме до тие три бода. Металург се засили со двајца добри Словенци и искусен голмани и мислам дека се противник што заслужува респект. Првите натпревари по пауза никогаш не се лесни, а кај нас е специфична ситуацијата што имаме нов тренер, па ќе ни треба малку време да си легнат работите на свое место. Искрено се надевам дека ќе одиграме на висината на задачата и дека ќе ја продолжиме добрата серија во лигата – изјави Кастелиќ.