Словенија, чии главни одлики се ефикасност и брзина, го има најдобриот напад на СП 2021, со 35 гола по меч, заедно со Шведска и со Данска е меѓу селекциите со најмногу реализирани контранапади, а со Египет се репрезентации со најмногу голови од брз продор (игра еден на еден)

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ЈА ПОЧНУВА ВТОРАТА ФАЗА НА МУНДИЈАЛОТ ВО ЕГИПЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација обезбеди пласман во главната фаза на Светското првенство (СП) што се игра во Египет. Избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа добро второто полувреме во дуелот со Чиле, совладувајќи го со 32-29 (16-17), и стигнаа до првата победа на СП 2021, по двата пораза од Шведска и од Египет. Одличната и борбена одбрана во второто полувреме, дополнета со одбраните на Никола Митревски, успеа да го запре брзиот и борбен тим на Матео Гаралда, кој доминираше на теренот во првото полувреме, а со тоа да стигне до посакуваната цел – пласман во втората фаза од натпреварувањето. Ова е петти пат Македонија да обезбеди пласман во главната фаза во седмото учество на мундијалите.
– Одигравме добар меч со селекцијата на Чиле. Тимската игра во нападот и борбеноста во одбраната беа на посакуваното ниво и среќни сме што обезбедивме пласман во главната рунда. Верувам дека нашата игра и борбеност ќе продолжат да растат во втората фаза, каде што ни следуваат уште три тешки дуели со селекциите на Словенија, Белорусија и на Русија, во кои ќе се потрудиме да одиграме најдобро што можеме и да забележиме што е можно подобар пласман на овој Мундијал – изјави пикерот Жарко Пешевски.
Најефикасен ракометар во македонскиот состав беше капитенот Кирил Лазаров, со осум гола, и беше прогласен за играч на натпреварот, а по пет пати во листата на стрелци се запишаа десното крило Ненад Костески и Пешевски.

Денешен противник на Македонија во главната фаза од натпреварувањето ќе биде Словенија, која во групата Х забележа победи над Ј. Кореја (51-29) и над Белорусија (29-25) и пораз од Русија (31-25). Следните мечеви на Македонија се со Русија в петок и со Белорусија в недела. Во четврт-финалето ќе играат по две најдоброласирани селекции од четирите новоформирани групи.
По досегашната фаза од натпреварувањето, главни одлики на играта на Словенците се ефикасност и брзина. Словенија го има најдобриот напад, со просек од 35 гола по меч, зад неа се Шведска и Египет, со по 32,2, односно 32 гола по натпревар. Заедно со Шведска и со Данска, Словенија е меѓу селекциите со најмногу реализирани контранапади, 20 од 23, а заедно со Египет се репрезентации со најмногу голови од брз продор (игра еден на еден), 21 од 26.

Најефикасни ракометари по групната фаза во Словенија се десното крило Блаж Јанц (19 гола), десниот бек Јуре Доленец (16 погодока) и десното крило Драган Гајиќ (15 гола). Македонија и Словенија на СП досега се сретнаа двапати, и во двата наврати победата им припадна на Словенците. На СП 2015 во Катар во осминафиналето славеа со 30-28, а во групната фаза на СП 2017 во Франција забележаа победа со 29-22. 


Денешни дуели

Македонија – Словенија 15.30 ч.
Швајцарија – Исланд 15.30 ч.
Чиле – Ј. Кореjа 15.30 ч.
Франција – Алжир 18 ч.
Русија – Египет 18 ч.
Австрија – Мароко 18 ч.
Португалија – Норвешка 20.30 ч.
Шведска – Белорусија 20.30 ч.

ГРУПА 4

Шведска 2 2 0 0 4
Русија 2 1 1 0 3
Египет 2 1 0 1 2
Словенија 2 1 0 1 2
Белорусија 2 0 1 1 1
Македонија 2 0 0 2 0