Филип Фидановски

Денеска, на вториот интернационален турнир, двете селекции играат со врсниците од БиХ. За селекторите Брестовац и Матлиевски турнирот е прв филтер за формирање на репрезентацијата за ЕП, дивизија Б, в година во Скопје

Две победи над врсниците од Бугарија и пораз од Србија забележаа двете македонски селекции на вториот интернационален кадетски турнир за ракометари родени во 2002 и 2003 година, кој се игра во салата „Автокоманда“ во Скопје, а е во организација на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Во првиот натпреварувачки ден, Б-селекцијата на Македонија загуби од Србија со 31-24. За гостите настапуваат двајца ракометари на Металург, левиот бек Стефан Додиќ и голманот Предраг Мијатовиќ. Најефикасен во македонските редови беше Мартин Димовски со девет гола, а по четири пати во листата на стрелци се запишаа Давид Мелоски и Христијан Митревски.

А-селекцијата на Македонија, предводена од Георги Ташев (седум гола) и Филип Фидановски (пет погодока), славеше победа во дуелот со Бугарија со 31-22, а Владимир Трајковски (осум гола) и Мартин Димовски (пет) беа лидери на Б-селекцијата на Македонија во победата над селекцијата на Бугарија со 32-25.
Втора победа на турнирот прокнижи Србија, која во 2. коло славеше над селекцијата на Босна и Херцеговина со 31-27. Вториот натпреварувачки ден се комплетира синоќа, со дуелите БиХ – Бугарија и Македонија А – Србија. Денеска двете македонски селекции се среќаваат со БиХ (Б-репрезентацијата од 12 часот, А-селекцијата од 20 часот), а денеска се игра и натпреварот Бугарија – Србија (10 часот).

За селекторите Данило Брестовац и Никола Матлиевски натпреварите на турнирот во „Автокоманда“ ќе послужат како прв филтер за формирање на кадетската репрезентација на Македонија, која налето во Скопје треба да биде домаќин на Шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б. 


РЕЗУЛТАТИ
Македонија Б – Србија 24-31
Македонија А – Бугарија 31-22
Македонија Б – Бугарија 32-25
Србија – БиХ 31-27
БиХ – Бугарија синоќа
Македонија А – Србија синоќа
ТАБЕЛА
Србија 2 2 0 0 4
Македонија А 1 1 0 0 2
Македонија Б 2 1 0 1 2
БиХ 1 0 0 1 0
Бугарија 2 0 0 2 0
Двојки за денеска: Бугарија – Србија (10 ч.), Македонија Б – БиХ (12 ч.), Македонија А – БиХ (20 ч.).