Микел Хансен во акција

Ракометарите на Данска славеа против Шведска со 26-24 (13-13) во финалето на Светското првенство во Египет, со што го одбранија трофејот освоен пред две години.

Данците супериорно го освоија Мундијалот добивајќи ги сите шест средби во двете групни фази, за потоа да го добијат најнеизвесниот дуел со домаќинот Египет, по подобро изведување на седмерци во четврт-финалето, додека во полуфиналето беа подобри од актуелниот европски првак Шпанија. За Данска ова е второ злато на мундијалите, додека има уште три сребра и една бронза.

Шведска, пак, не можеше да го повтори успехот од 1999 година кога последен пат стана светски првак, на турнирот кој исто така беше игран во Египет. Швеѓаните досега се закитија со по четири златни, сребрени и бронзени медали на мундијалите. Тие беа поразени и во претходното финале во кое учествуваа, во 2001 година.

Најефикасни кај Данска беа Микел Хансен со шест гола и Николај Ерис Нилсен со пет, додека кај Шведска се истакнаа Хампус Ване кој постигна пет погодоци и Албин Лагергрен со четири. Данскиот голман Никлас Ландин со 15 одбрани беше меѓу најзаслужните за триумфот.

Претходно, Шпанија стигна до бронзениот медал откако беше подобра од Франција со 35-29.

Македонија го заврши Мундијалот на 23-то место. „Црвено-жолтите“ со учинок од една победа (над Чиле 32-29) и пет порази (загубија од Шведска 20-32, Египет 19-38, Словенија 21-31, Русија 20-32 и од Белорусија 21-25), беа елиминирани во втората фаза.

Следното Светско првенство се игра во 2023 година, а домаќини ќе бидат Полска и Шведска.