Македонските репрезентации во ракомет на песок, со две победи и осум порази, го завршија настапот на Европското првенство што викендов заврши во Старе Јаболки во Полска. Единствената победа со 2-0 момците ја забележаа во последниот меч за пласман со Црна Гора, а девојките не успеаја вторпат да слават над Кипар (0-2) за избегнување на дното на табелата. Титулите ги освои Данска во двете конкуренции.

Женската селекција на Македонија го освои признанието за ферплеј, а кај мажите тоа признание ѝ припадна на Германија. Цветан Кузмановски со 108 поени беше најефикасен во машкиот состав, а кај девојките Александра Боризовска со 62 поени.

Македонија по осумгодишна пауза се врати на големи натпревари во ракомет на песок, а настанот го обезбеди со вајлд-карта. За избраниците и за избраничките на селекторот Сашо Србиновски, кои се дел од тимови во ракомет во сала, ова беше прво искуство во ракометот на песок, кој, иако изгледа слично, многу е различен од ракометот што се навикнати да го играат тие. Затоа во иднина ќе треба многу повеќе да се работи во овој спорт за нашите селекции да бележат подобри резултати на меѓународните турнири.