Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот на младинската репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, денеска беше промовиран во тренер на ракометниот клуб Металург. Тој доаѓа на местото на Александар Јовиќ, кој го водеше тимот од Автокоманда минатата сезона.

Брестовац, на пресот одржан денес, се заблагодари на раководството на тимот за укажаната доверба и додаде дека очекува со многу работа, Металург да се искачи за едно ниво погоре.

– Не сум Дејвид Коперфилд, па да дојдам со магично стапче и да направиме чуда. Можам да ветам дека во следниот период Металург ќе остане лидер во регионот по работата со младите категории. Знам дека ќе биде тешко да одиме ниво погоре, но мојата амбициозност ќе ми биде голем адут за да го направиме тоа – изјави Брестовац.

Целта, според него, е екипата да создава млади ракометари, кои би заиграле во првиот состав.

– Овде ќе има место само за оние што сакаат да работат, да се посветат на работата и да напредуваат. После три години ќе имаме можност да видиме што сме сработиле и што сме успеале да реализираме – додаде новиот тренер на Металург.

Новиот тренер на екипата од Автокоманда беше помошник на Ивица Обрван додека Хрватот ја предводеше сениорската репрезентација, а беше асистент и во француски Шамбери. Минатата сезона ја мина на клупата на шампионот на Луксембург, Ред Бој.