Со оглед на тоа што Стојановиќ е искусен во работата со млади категории, тоа одлично се совпаѓа со создавачкиот концепт на Металург за продукција на сопствени сили од сопствените редови, кои и во следната сезона ќе бидат столб на клубот и на репрезентативните национални тимови

Дамир Стојановиќ е новиот тренер што во наредната сезона ќе го предводи ракометниот клуб Металург од Скопје. Тој ќе има за задача како шеф на стручниот штаб и главен тимменаџер да направи селекција на играчите и на своите соработници во претстојниот период, до почнување на подготовките на РК Металург за наредната сезона.

Со оглед на тоа што Стојановиќ е искусен во работата со млади категории ракометари, тоа одлично се совпаѓа со создавачкиот концепт на Металург за продукција на сопствени сили од сопствените редови, кои и во следната сезона ќе бидат столб на клубот и на репрезентативните национални тимови.

Стојановиќ својата ракометна кариера ја почнал во белградски Земун, а продолжил во српските тимови Студентски град и Обилиќ. Интернационални ангажмани имал во турските тимови Анкара и Чанкаја Беледиеси, а бил дел од скопскиот тим Југ како и од босанскиот Грачаница. Во текот на играчката кариера играл на позицијата плејмејкер, односно како централен бек.

Својата тренерска кариера Стојановиќ ја почнал со младите категории во Земун, а потоа во 2014 година го имал својот прв интернационален предизвик со женската екипа на Патра.

Во 2015 година седнал на клупата на израелскиот состав Хапоел, а изминатава сезона го предводеше унгарскиот состав Вечасу. Редовно е повикуван како тренер и асистент од страна на свои поискусни колеги со позвучни имиња, а соработувал со Штафан Олсон, Карлос Ортега, Ненад Перуничиќ, Драган Ѓукиќ. Во моментов работи како стручен соработник со кадетската репрезентација на Грузија.

Та.Д.