За „Нова Македонија“ од Ниш,
Милко Живковиќ

Борбеноста не изостана, но ракометарите на Металург, сепак, не успеаја да ја продолжат низата од две гостински победи во Регионалната лига, откако беа поразени од српскиот вицепрвак Железничар со 25-27, во денешниот меч од 15-то коло одигран во Ниш.

Избраниците на Данило Брестовац влегоа силно мотивирани во натпреварот откако во претходната рунда славеа против Стеауа со 28-26 на гости, што беше втор триумф на страна едноподруго, откако претходно го совладаа Извиѓач со 31-30.

Дуелот беше изедначен до 18-та минута (8-8) кога домаќинот направи серија од четири гола за четири минути, за потоа да зголеми на 16-11, по што Металург двапати реализира за резултат 16-13 на полувреме. Екипата од Автокоманда се доближи на еден гол негатива во два наврати (21-22, 23-24), но немаше сили да стигне до изедначување, со што не можеше да му се реваншира на српскиот клуб за минималниот пораз од 29-30, во 6-та рунда.

Македонскиот претставник на овој меч не можеше да смета на бекот Александар Шпенде, додека противникот настапи без голманот Александар Коциќ, бекот Јан Горела и пикерот Анте Бабиќ, кои неодамна го засилија составот од Ниш.

Најефикасни кај Металург беа Марио Танкоски и Димитар Димитиоски со по четири гола, додека кај Железничар се истакна Предраг Вејин со шест гола. Металурзите го постигнаа најатрактивниот гол на мечот, со цепелин, кога Димитриоски го проигра Мартин Серафимов за ефектна реализација во 25-та минута.

Македонскиот вицешампион, кој моментно ја зазема 9-та позиција на табелата со 10 бода од 16 одиграни средби, во следната рудна му гостува на Татран Прешов, на 6 март.