Марио Танкоски беше најефикасен кај Металург со шест гола/Фото: Дарко Андоновски

Ракометарите на Металург не успеаја да ја надоместат негативата од првиот дуел против словенечкиот претставник Горење Велење (19-24), ремизирајќи 23-23 во Скопје, во вечерашниот реванш од третата рунда од Купот на ЕХФ, со што го завршија настапот во континенталното натпреварување.

Металург добро го отвори мечот стекнувајќи предност од 3-0, која ја одржа до полувреме (13-10). Но гостите заиграа агресивно во одбраната во вториот дел, по што стигнаа до изедначување 15-15. Металург имаше уште еден налет за 22-19 на пет минути до крајот на мечот, но Велење повторно стигна до изедначување 22-22, за средбата да заврши со конечни 23-23.

Марио Танкоски беше најефикасен кај Металург со шест гола, Милан Поповиќ заврши со пет, а Маријан Мариќ реализираше четири удари. Најдобар поединец кај Горење беше Матиц Вердинек со девет гола.