Утрешниот меч со Грција во Кожани ќе биде вкупно седми во меѓусебните квалификации дуели, и тоа сите за пласман на СП, а Македонија е поуспешна со пет победи и еден пораз

Фаворити сме против селекцијата на Грција, треба да победиме и на гостувањето кај неа. Дуелот со Турција одигран во Битола добро ни дојде за уигрување пред овој меч. Не ги знаеме доволно квалитетите на Грција, која одигра добро против Исланд во еден дел од натпреварот, и покрај тоа што убедливо загуби. Но на тој дуел најважно е да ги коригираме грешките што ги направивме во Битола и да одиграме многу подобро. Очекувам победа, истакна селекторот на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалес во пресрет на утрешниот дуел во Кожани (16 часот), во 2-то коло од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година во Шведска, Австрија и во Норвешка.

Македонија успешно ги почна овие квалификации. Во четвртокот, во преполната спортска сала „Боро Чурлевски “ во Битола, не баш многу убедливо, ја совлада Турција со 31-27, со што ги впиша првите два бода во групата три, каде што, пак, Исланѓаните очекувано ја декласираа Грција со 35-21.

– Бевме фаворити, очекувавме и остваривме победа против Турција, а тоа е најважно. Имавме предност од 6-7 гола, но не одигравме добро во последните петнаесетина минути. За разлика од одбраната, нападот не одигра добро, изгубивме многу топки, а имавме разлика што требаше да ја задржиме до крајот на мечот. Има уште многу, многу да коригираме во нашата игра и секогаш мора да бидеме подобри и подобри – анализира Гонзалес.

А, во Битола, во пеколната атмосфера што ја создадоа битолските навивачи желни за репрезентативен ракомет, македонските ракометари не импресионираа со својата игра, иако постојно беа во предност, а победата не беше доведена ниту еднаш во прашање. Но она што загрижува е немањето константност во играта, како и 10-те технички грешки (Турција имаше 15), понекогаш и при чисти проигрувања. На теренот беше испробана одбрана во формација 6-0 во првиот дел и 5-1 и 4-2 во вториот дел, но гол-разликата остана иста, плус четири (17-13, па 31-27).

– Најважни се победата и освоените бодови, но сметам дека ова е еден од нашите најслаби репрезентативни мечеви во последните 10 години. Одигравме слабо, ова беше едно лошо издание и тоа нека биде последно. Ни останува многу да работиме, зашто ќе нема што да бараме на претстојното Светско првенство, на кое би мислеле дека можеме да направиме нешто историско. Нѐ очекува Грција, а против неа мора да одиграме максимално сериозно – вели капитенот Кирил Лазаров, кој беше и најефикасен играч на натпреварот, со осум гола.

Најдобрите две селекции од секоја од осумте групи директно ќе се пласираат на ЕП, како и најдобрите четири од третопласираните.