Македонските ракометари загубија од Чешка со 25-27 (11-9) по слабото второ полувреме во мечот од групата Б одигран попладнево во Виена, со што шансата за пласман во наредната фаза на Европското првенство ќе ја бараат во решавачкиот дуел со домаќинот Австрија.

Капитенот Кирил Лазаров повторно беше најефикасен македонски ракометар со единаесет гола, исто како и во победата над Украина во која реализираше осум удари. Дејан Манасков имаше пет погодоци, а Гоце Георгиевски четири.

Борко Ристовски го почна натпреварот меѓу стативите за разлика од средбата со Украина, додека Никола Митревски доби прилика во вториот дел, но македонските голмани заедно забележаа скромни четири одбрани (Ристовски три, а Митревски една). На другата страна чешкиот чувар на мрежата Мартин Галија имаше 14 интервенции, со што беше прогласен за играч на мечот.

Чешка пак се покажа како незгоден ривал за Македонија, откако славеше во меѓусебниот дуел и на претходниот континентален шампионат во 2018 година, со 25-24.

Македонија во последното коло од првата фаза ќе се сретне со домаќинот Австрија, во вторник од 18.15 часот. Австријците денеска играат против Украина.