Градот Диселдорф реши во соработка со ракометната Бундес-лига и со Германската хокеарска лига да развие концепти за спортски настани во затворен простор со публика. Првите предвидени тест-натпревари во ракомет се планирани за во септември меѓу Бергишер, Гумерзбах и Тусем. Доколку биде успешен овој хигиенски концепт ќе биде применуван и во другите спортови

Одговорниот почеток на сезоната 2020/2021 е клучна пресвртница за сите професионални спортови. Затоа се вклучивме во иницијативата за соработка за заеднички да развивме модерен концепт за играње на натпреварите пред публика, вели извршниот директор на германската ракометна Бундес-лига, Френк Боман.
Враќање на спортот и спортистите на старите патеки и вообичаените активности по принудниот прекин поради пандемијата на коронавирусот е нешто за кое се залагаат сите спортски колективи и федерации низ светот. Меѓутоа, забраната за масовни собирања и отсуството на публика во салите и стадионите е еден од најголемите проблеми на патот кон враќање во нормала, бидејќи публиката и атмосферата се движечка сила на сите спортисти, но и еден од основните извори на финансии.
Од тие причини, главниот град на Северна Рајна-Вестфалија, Диселдорф, реши во соработка со ракометната Бундес-лига (ХБЛ) и со Германската хокеарска лига (ДЕЛ) да развие концепти за спортски настани во затворен простор со публика на ракометните и на хокеарските мечеви. Првите предвидени тест-натпревари во ракомет се планирани за во септември меѓу Бергишер, Гумерзбах и Тусем.

Доколку биде успешен, овој хигиенски концепт ќе биде применуван и во другите спортови.
– Точното спроведување на концептот, на пример дали маската е задолжителна, зависи од моментната состојба на пандемијата – рече Марсел Ортманс, портпарол на „Диселдорф лајв“, кој ги планира спортските настани во тој град.
Професионалниот спорт живее со, преку и од своите гледачи. Затоа е важно да се развијат кохерентни и одговорни концепти за различни професионални спортови кои овозможуваат внимателно, постепено отворање на спортски објекти. Се разбира, процесот на инфекција секогаш мора да се има предвид – рече директор за спорт на Диселдорф, Буркхард Хинтше.

Ракометните, кошаркарските и хокеарските клубови во Германија се особено зависни од приходот од публиката. Натпреварите со навивачите во моментов не се одобрени заради тековните регулативи за заштита од коронавирусот, бидејќи локалните здравствени власти секогаш го имаат последниот збор.