Со намалувањето на бројот на додавања од шест на четири ќе се добие на забрзување на играта, вели германскиот судија Јамеле

РАКОМЕТ

Во онлајн дискусија меѓу ракометните судии и членовите на раководните луѓе во Ракометната федерација на Германија, судијата Волфганг Јамеле даде предлог за промена на правилото за пасивна игра, односно за намалување на бројот на дозволени додавања по кревањето на раката на судијата како знак за пасивна игра на еден тим во нападот, од шест на четири додавања.

– Со намалувањето на бројот на додавања од шест на четири откако судиите ќе ја кренат раката за пасивна игра ќе се добие на забрзување на играта. Оваа предлог-измена веќе се дискутираше и на интернационално ниво, така што ние сме подготвени да ја воведеме во Бундес-лигата. Но, како и да е, прво ќе почекаме одлука од Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), па потоа ќе стапиме со спроведување во дело – појасни Јамеле.
Со овој предлог продолжува трендот на усовршување и подобрување на квалитетот на ракометната игра, за таа да стане попривлечна и поатрактивна за гледачите.