Време е за промени

Светското првенство во ракомет е зад нас, македонската репрезентација постигна резултат што е далеку под она што го очекуваше пошироката јавност. Но за да се надмине ваквата состојба, кога често имаме и нереални очекувања, потребно е многу работи да се сменат, да се постават на вистинското место, за системот да профункционира како што треба. Почнувајќи од селекција на најмладите, обезбедување пристојни услови за тренинг, квалитетен стручен кадар, соодветно менторирање, создавање вистински услови за напредок на младите таленти – за сето тоа да резултира со квалитетна лига, во која ракометарите навистина ќе можат да дојдат до полн израз и да се наметнат за репрезентацијата, која со систематска работа ќе дава резултати какви што посакуваме

Неодамна заврши 27-то Светско првенство во ракомет. Македонија влезе како резерва на местото на Чешка во „пет до дванаесет“, а епилогот од тоа го знаеме. Но прашање е што му донесе ова големо натпреварување на македонскиот ракомет, дали го искористивме во вистинска насока, дали беше селектирано исправно и, на крајот, дали го дадовме најдоброто.

НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ МОРА СЕКОГАШ ДА ГО ИМА НАЈДОБРОТО НА РАСПОЛАГАЊЕ

Македонија не е голема држава од секој аспект, уште помалку економски силна за да може да се справи во континуитет со многу поголемите нации од нас. Од тој аспект, кој и да бил или во иднина ќе биде селектор, мора да биде свесен дека базата на играчи што играат на високо ниво е строго ограничена и не смееме толку лесно да се откажуваме од играчи без разлика на нивната возраст. Напротив, државата, федерацијата, мора да направат сѐ што е во нивна моќ да ги донесат најквалитетните во националната селекција.
Тоа низ еклатантни примери ни го покажаа многу посилни и помоќни селекции од нашата, па, така, Франција го врати Мишел Гигу или Шпанија пред две години „од фотелја“ го донесе Арпад Штербик на завршницата во Хрватска, а и уште го има во својот ростер ветеранот Раул Ентрериос. Затоа мислам дека играч од типот на Филип Миркуловски требаше или, уште подобро кажано, мораше да биде дел од нашата селекција во претходните две години, со ограничено учество и точно поставени задачи.

МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГО СМЕНИ СИСТЕМОТ НА ИГРА, ТРАНЗИЦИЈАТА Е НАШАТА ШАНСА ВО ИДНИНА

Од друга страна, ова големо натпреварување беше и последно планетарно натпреварување за капитенот Кирил Лазаров, со кого завршува ерата на една генерација ракометари родени во 1980 година, дополнети со неколку играчи од 1979, 1982/1983, играчи како Миркуловски, Јоновски, Мојсовски, Темелков, Ристовски… веројатно нашата најдобра или најуспешна генерација, која изминатите 10-12 години нѐ постави на ракометната мапа. Во оваа селекција не смееме да ги заборавиме Стоилов, Манасков, Георгиевски и Митревски, кои се помлади, но во моментов се на возраст (со исклучок на Манасков) кога може да ги квалификуваме како ветерани.
Тоа е веќе зад нас, но се поставува прашањето што понатаму.
На сцената се нови момци, на светската ракометна сцена се генерациите со година на раѓање 1990 и помлади. Каде сме ние како држава во однос на тие генерации? Во принцип, кога ќе се разгледа состојбата, предната линија (крила и пивоти) уште еден циклус од две години има база, но што е со задната линија, каде што се бековите, а знаеме дека тие „го водат орото“ во ракометот како спорт. Македонија во моментов нема ниту еден квалитетен ракометар, играч што е на поширокиот список од 28 ракометари, роден во 1990, 1992, 1994 година. Тоа е голема дупка во системот и во моментов е тешко надоместлива. Во 1996 година веќе ги имаме нашите некогаш „најталентирани младинци“ Талески, Кузмановски, Велковски… и тие се сега играчите што треба да го носат товарот на националниот тим. Така и ќе биде, дополнети со еден-двајца играчи од генерациите 1998 и 2000 (Танкоски, Серафимов, Костески).
Што можеме да направиме во моментов? Реално, за следните две-три години многу малку, од аспект да внесеме играчи што веднаш може да променат нешто во суштина. Кузмановски е играчот околу кој треба да се базира нашата селекција наредните 3-4 години, потпомогнат од искусната предна линија, Талески и Велковски од неговата генерација, Серафимов и Костески од помладите и Митревски на голот, со најава за одлични голмани како Томовски, Петковски и Кизиќ. Тоа е нашата реалност за наредните 3-4 години. Но она што е многу поважно во периодот што претстои е поставување селектор што комплетно ќе се усогласи со играчите што ги имаме и, што е уште поважно, со неговото искуство и знаење да селектира уште неколку квалитетни решенија за системот што ќе се постави. Во минатото многу селекции ни покажале дека не секогаш најквалитетните се селектираат, многу поважно е истите тие да бидат во функција на колективот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската ракометна репрезентација во иднина ќе мора да го приспособи системот на игра според моментните предиспозиции на ростерот играчи. Во 1990-тите нашата игра во одбрана се базираше на зоната 3-2-1, имајќи ја предвид висината на самата зона, форсирајќи игра на контакт, систем што од 2004-2005 се промени во 6-0, од причина што на поширокиот список се најдоа повеќе играчи со висина блиску до два метра.
Ако сакаме и во иднина наша доминантна зона да биде 6-0, мора да најдеме квалитетни решенија на централните позиции во одбранбената зона, крила што играат на позициите двојка и петка и пивот што игра во два правци. Тоа се многу важни сегменти за во иднина нашите перјаници во напад, како Кузмановски или Серафимов, да можат да издржат турнирски систем и висок ритам на натпревари и, што е најважно (а на првенството во Египет го немавме), голови од транзиција, а тука Кузмановски е неприкосновен, и тоа треба да се искористи.

НАЈДОБРИОТ ВО ИСТОРИЈАТА ЗАСТАНА НА ЧЕЛО НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ

Македонија од неодамна има нов селектор во името на најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров, кој во првата година ќе биде и во улога на играч, за што побезболно да се помине периодот на „стасување“ на новите играчи и да не се изгуби континуитетот на настап на големи натпреварувања. Според првите најави на Лазаров, системот на игра на националниот тим, очекувано, ќе претрпи измени. Велиме очекувано, гледајќи ги ростерот и условите. Три работи ќе бидат многу важни во периодот што ни следува, во однос на новиот селектор на националниот тим (чија посветеност и ракометно знаење, како и филозофија на која тој го игра ракометот, не се нималку спорни). Многу се важни поддршката што тој (треба да) ја има од раководството на РФМ, трпеливоста што треба да ја покажеме сите (РФМ, јавноста, медиумите…) во овој процес, кој нема да биде нималку лесен, и секако луѓето со кои ќе биде опкружен, односно тимот што ќе го состави и во кој, по некоја логика, треба да ги бараме новите тренери на јуниорските селекции.
Во секој случај, „жешко“ е столчето на селекторот на нашата најуспешна селекција, тоа сигурно го знае и самиот Лазаров, имајќи ги предвид последното големо натпреварување и епилогот по нашата селекција од него, но и она што ни претстои, а тоа е пласман на ЕП следната година, каде што имаме брејк-топка од Швајцарија, како аманет од претходникот, и пенал-ситуација за негова реализација. Но тој е роден победник и не се сомневаме дека и овој пат ќе победи, сега во малку поинаква улога.

ФАКТОРОТ ФИЛИП ТАЛЕСКИ

Младиот крушевчанец дојде многу млад во Металург и се промовира во најголем талент во нашата држава, предводејќи една генерација на играчи и до 6-то место на Светско првенство во јуниорска конкуренција. По сплетот на околности во Автокоманда, Талески, Кузмановски, Пешевски и други добија на тацна можност во Металург да играат на високо ниво, предводени од Лино Червар на клупата. Тоа најдобро го искористи Филип Талески, градејќи се во добар играч на двете страни на теренот и визирајќи си карта за најсилната лига на светот, засилувајќи го шампионот на Германија, нешто незапамтено дотогаш за нашиот спорт воопшто. Македонски спортист да направи трансфер во шампион на најсилна лига во светот директно од македонски клуб. Но, за жал, Талески од тогаш до денес стагнира, пред сѐ затоа што нема доволна минутажа во своите клубови, сегмент што треба да му даде искуство и квалитет во играта, ситуација што му ја намалува самодовербата, неопходна во врвниот спорт. Лoшиот избор на клубови, меѓу кои е и македонскиот шампион Вардар, кој неколку години по ред „пука“ на самиот врв на Европа, не е место каде што Талески може да ја добие потребната слобода на решавање во играта. Од друга страна, Филип Кузмановски, по направениот прв чекор во најсилната лига во светот, кој можеме да го оквалификуваме (според шансата што ја доби) како погрешен, повлече потег и премина во клуб (Хановер) каде што има поголема минутажа и поддршка од тренерот Ортега.
На неодамна завршеното првенство во Египет, Талески беше најоспоруваниот наш ракометар и веројатно тоа дополнително му ја наруши самодовербата. Талески ѝ е потребен на оваа наша селекција, тоа е неспорно, барем во наредните три-четири години, и затоа првенствено треба да си помогне себеси и да се „ресетира“ со трансфер во клуб што може да го „истрпи“ и каде што ќе „троши“ минутажа, а потоа да го даде својот придонес и за својата татковина. Јавноста и медиумите мора да престанат со нападите и да сфатат дека Филип Талески е нашето најдобро решение на позицијата лев бек. Засега.

ЗОШТО НАШИТЕ ДЕЦА НЕ ИГРААТ ВО КЛУБОВИТЕ ВО КОИ НАСТАПУВААТ?

Неиграњето на Талески во клубовите во кои настапувал отвора една болна тема на нашиот ракомет (и спорт воопшто), а тоа е дека македонските играчи не играат доволно или не ја носат на грб играта на своите клубови или, да одиме уште подалеку, странските играчи што доаѓаат во македонските клубови им го земаат местото. Тема што редовно е на репертоарот кога нашите национални селекции нема да се претстават во вистинско светло на меѓународен план. Дали е навистина така? Вистината секогаш е на средина, но мора да бидеме реални дека нашите клубови што настапуваат во Европа (за другите е несериозно да ја дискутираме темата на странски играчи) ги интересираат квалитет и успех, тренерите што најчесто доаѓаат од странство посакуваат успех што ќе ги одржи „во живот“ и тука нема простор за калкулирање со тоа кој играч е домашен или странец. Но нашите клубови мора да имаат општествена одговорност, да размислуваат во насока на развој на македонски играчи, имајќи предвид дека и покрај тоа што се АД и приватна сопственост, постојат за своите приврзаници, градот, општината, регионот во кој функционираат. А на крајот на денот и трошат средства од буџет, без разлика дали се тоа општински или од ваучер-системот. Затоа е важно тие исти клубови да бидат под притисок на пошироката јавност, стручната јавност и особено на медиумите, кои ќе бараат видлива разлика во квалитетот помеѓу странските играчи и македонските играчи. Така е секаде во светот, тоа многу добро го знаат нашите играчи што играат во странство. На крајот, јавноста и медиумите треба да „поддржуваат“ клубови што имаат политика на создавање МКД-производ.

Од друга страна, не можеме целата вина да ја префрлиме на самите клубови, без разлика дали играчот направил „погрешен“ избор. Многу често самите играчи знаат своите амбиции да ги подредат на политиката на клубот и да се задоволат со моменталните услови (најчесто финансиски) во кои се наоѓаат, не водејќи сметка за иднината и како сето тоа ќе се одрази на нивната кариера. Тоа е дел од едукативниот систем, кој треба да создаде спортисти со високи спортски амбиции и цели, спортисти што ќе се борат за своето место „под сонцето“, првенствено во актуелниот клуб, но ако тоа не е можно, да се подготвени да ја променат „средината“, со можност за докажување и надградба.

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен
аналитичар

(Утре: Создавањето квалитетен производ е многу комплексна работа, квантитет на талент, услови во однос на инфраструктура и стручна работа. И факторот време за реализација)