За медали ќе играат актуелниот првак Франција, најтрофејната селекција од европските првенства Норвешка, домаќинот на ЕП 2020, Данска, и најголемото изненадување на ова континентално првенство, Хрватска

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ

Актуелниот европски првак Франција против големото изненадување Хрватска, која првпат ќе има можност да игра за финале, и најтрофејната ракометна сила (со седум златни медали) Норвешка против втората на таа ранг-листа (со три злата) Данска ќе играат во полуфиналето на 14-то Европско првенство (ЕП) во ракомет за жени, кое се одржува во Данска. За петтото место ќе играат Русија и Холандија.
Во последното коло од главната група 1, Данска ја совлада Русија (30-23), Франција беше подобра од Шведска (31-25), а Црна Гора и Шпанија одиграа нерешено (26-26). Во групата 2, Хрватска ја победи Германија (23-20), Холандија беше подобра од Романија (35-24), а Норвешка од Унгарија (32-21).
– Начинот на кој го одигравме натпреварот со Германија, а особено во одбраната, на целиот турнир е неверојатен. Ја победивме Германија и сега сме дел од историјата на хрватскиот ракомет – изјави селекторот на Хрватска, Ненад Шоштариќ.

Во главната група 1, Данска и Русија постигнаа најмногу голови (по 136), Данска најмалку (111), а најмногу прими Шпанија (140). Најголема позитивна гол-разлика има Данска (25), а најголема негатива Шпанија (-20). Во групата 2, Норвешка е единствена селекција што ги доби сите натпревари (10 бода), има најмногу постигнати (170) и најмалку примени голови (114), со најдобра гол-разлика (56).
Норвежанката Нора Мерк и понатаму е прв стрелец на ЕП со 42 гола од 53 шута (79 отсто) на шест меча, пред Црногорката Јованка Радичевиќ со 39/58. Најдобра асистентка е Норвежанката Стине Офдал со 30 додавања на шест меча, пред Романката Кристина Неагу со 29 на шест дуела. Во комбинација на стрелци и асистенти прва е Мерк со 60 поени (42 гола и 18 асистенции), пред Неагу со 56 (27+29). Најдобро ја чува сопствената мрежа Норвежанката Катрин Лунде со 40 одбрани од 120 удари или 39 отсто од четири средби. 


РАСПОРЕД МЕЧ ЗА ПЕТТО МЕСТО

Русија – Холандија петок, 15.30 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Хрватска петок, 18 ч.
Норвешка – Данска петок, 20.30 ч.
МЕЧЕВИ ЗА МЕДАЛИ
за трето место недела, 15.30 ч.
финале недела, 18 ч.