На олимпискиот ракометен турнир селекции во машка и во женска конкуренција ќе имаат Јапонија, Норвешка, Шведска, Шпанија и Франција

РАКОМЕТ

Селекциите на Црна Гора, Норвешка и на Шпанија се трите репрезентации што ја комплетираа 12-члената група што ќе игра на олимпискиот ракометен турнир за жени во Токио годинава. Во неизвесната група 3 во Подгорица, Црна Гора, домашната селекција, и покрај поразот од Романија (28-25), обезбеди место на Летните олимписки игри (ЛОИ). Црна Гора, Норвешка и Романија го завршија турнирот со по една победа и пораз, па пласманот се одредуваше според подобрата гол-разлика, која беше на страната на Црногорките и на Норвежанките. Олимписката дружина ја комплетира Шпанија, која ја победи Аргентина со 31-16 во последниот меч од групата 1 во Шпанија.
Претходно преку квалификациите пласман на ЛОИ обезбедија Шведска, Унгарија и Русија, а директен пласман на ЛОИ имаат домаќинот Јапонија, светскиот првак Холандија, европскиот првак Франција, победникот на Панамериканските игри, Бразил, азискиот шампион Јужна Кореја и африканскиот шампион Ангола.

Кај мажите пласман на ЛОИ во Токио преку квалификациските турнири обезбедија Норвешка, Франција, Португалија, Германија, Шведска и Бразил, а директно на ЛОИ се пласираа домаќинот Јапонија, светскиот првак Данска, европскиот првак Шпанија, шампионот од Панамериканските игри, Аргентина, победникот од азискиот шампионат, Бахреин, и африканскиот првак Египет.
На ЛОИ 2020 ќе играат сите освојувачи на медали на минатите ЛОИ во Рио во 2016 година (Данска, Франција и Германија кај ракометарите и Русија, Франција и Норвешка кај ракометарките). Освен домаќинот Јапонија, со селекции и во машка и во женска конкуренција на ЛОИ во Токио ќе бидат застапени и Норвешка, Шведска, Шпанија и Франција.