Мечевите од групата Б, Македонија ќе ги игра во „Градската сала“ во Виена, каде што во 2015 година се одржа „Евросонг“ и која за овој настан ќе има капацитет за околу 9.000 гледачи. Репрезентацијата се очекува да има многубројна поддршка, покрај „домашните“ навивачи, најавени се доста љубители на ракометот од околните држави и од Македонија

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Во Виена сѐ е подготвено за почетокот на ракометното Европско мегапрвенство, на кое првпат ќе настапат 24 репрезентации од Стариот Континент. Не само што ова ЕП ќе биде најмасовно досега, туку тоа ќе се игра во три држави, и тоа во Австрија (во градовите Виена и Грац), Норвешка (Трондхајм) и во Шведска (Малме, Гетеборг и Стокхолм). Првично идејата беше државите самостојно да го организираат шампионатот, но подоцна се одлучија за заедничка кандидатура, што автоматски значеше и зголемување на бројот на учесници од 16 на 24 селекции.

Мечевите од прелиминарната група македонската репрезентација ќе ги игра во Виена, во „Градската сала“, каде што во понатамошниот дел ќе се одигра и една од групите од главната рунда. Капацитетот на салата, која е од универзален карактер и во која во 2015 година се одржа „Евросонг“, за овој настан е нешто повеќе од 9.000 гледачи. Според информациите, досега се распродадени повеќе од 6.500 влезници за првите мечеви од групата Б, во која е и домаќинот Австрија, како и Чешка и Украина.

Избраниците на македонскиот селектор Данило Брестовац се очекува да имаат многубројна поддршка на мечевите во Виена. Покрај „домашните“ навивачи, најавени се доста љубители на ракометот од околните држави, како и навивачи од Македонија, кои специјално за овој настан ќе допатуваат во австриската престолнина, која, пак, годинава го одбележува и јубилејот – 250 години од раѓањето на музичкиот виртуоз Лудвиг ван Бетовен. Поддршка од трибините, освен домаќинот, ракометарите очекуваат и од соседната Чешка, а барем засега скромни се најавите за гостувањето на украински навивачи во „Градската сала“.

Австрија вторпат е организатор на едно вакво натпреварување. Првиот пат пред десет години Македонија не настапи на завршницата, а победи Франција, која во финалето беше подбра од Хрватска со 25-21. Натпреварите на ЕП 2020 почнуваат денеска во Грац, со дуелите од групата А, и во Трондхајм, со мечевите од групата Ц, а натпреварите за медали на ова мега ЕП ќе се играат од 24 до 26 јануари во арената „Теле 2“ во Стокхолм.


Влезницата е и билет за градскиот превоз

На сите оние што ќе ги следат македонските ракометари на дуелите во Виена во живо, билетите купени за мечевите на денот на одигрувањето им важат и за градскиот превоз. Влезници за претстојните мечеви од групата Б на Европското првенство има уште во продажба, а цената е од 70 евра и повеќе. Во продажба има и пакет-билети за трите меча, а тие, во зависност од местото на трибините, чинат од 140 евра.


АВСТРИСКИ МЕДИУМИ

Македонија доаѓа со големи очекувања

Австриските медиуми пишуваат дека Македонија има големи очекувања од овој европски ракометен шампионат и дека во составот на репрезентацијата има играчи од врвни клубови со големо искуство од Лигата на шампионите. Во досегашните меѓусебни дуели со Австрија, „црвено-жолтите“ имаат скор 4-2 во победи. Селекторот, Словенецот Алеш Пајович го издвојува капитенот Кирил Лазаров, велејќи „со него тоа е сосема друг тим“.