Лино Червар

Хрватска ја донесовме меѓу најдобрите четири во Европа, што е голем успех, а покажавме дека ниту еден успех претходно не е случаен. Можеби немаме освоено медали како Франција, Данска и Норвешка, но падови немаме, што покажува дека работиме добро, вели Червар

Шест од шест за хрватскиот стратег Лино Червар,кој со Б-тим настапи против Чешка и забележа победа со 22-21, со гол со звукот на сирената. Целта беше исполнета, да се продолжи победничката серија, да се одморат клучните ракометари, а притоа шанса да добијат играчите што имаа помала минутажа. Но тоа нема да биде случај денеска, со Шпанија.

– Не верувам дека ќе тактизираме на дербито со Шпанија, затоа што од Виена сакаме да заминеме како победници. Не сме само ние, тука има уште неколку селекции што ќе „пукаат“ на златото – вели хрватскиот селектор.

Хрватска 19-ти пат се пласира во полуфинале на едно големо натпреварување, 13 пати досега се радувала на медал, од нив три златни, два од олимписките игри, еден од СП. Сите овие бројки говорат за континуитетот на работа во Хрватскиот ракометен сојуз. Со пласманот во полуфиналето на ова ЕП целта е исполнета, но може ли Хрватска да оди чекор понапред и конечно да се радува на европско злато.

– Хрватска ја донесовме меѓу најдобрите четири во Европа, што е навистина голем успех, а покажавме дека ниту еден успех претходно не е случаен, затоа што веќе 20 години играме важна улога во ракометот. Можеби немаме освоено медали како Франција, Данска и Норвешка, но немаме падови, што покажува дека работиме добро. Нема да биде лесно. Секоја репрезентацијата што попушти, сурово е казнета на ова ЕП. Затоа не смееме да се опуштиме и да мислиме дека ако ги нема некои од фаворитите, златото само ќе дојде – рече Червар. М.П.