Фото: Игор Бансколиев

Дуелот од второто коло од Суперлигата се игра од 18 часот, во салата „Автокоманда“ во Скопје

Ракометарите на Металург и на Еурофарм Работник денеска ќе се сретнат во салата „Автокоманда“ во Скопје (18 часот), во првиот дерби-дуел сезонава, во првенството на Македонија. Избраниците на тренерот Данило Брестовац ќе треба добро да се испотат и да ги оправдаат фаворитската улога и вицешампионската титула, која ја освојуваат неколку години.

– Во денешниот меч очекувам една вистинска спортска битка на теренот, битка во која сигурно нема да се реши конечниот победник. Очекувам мотивирана и борбена игра, во која секој од играчите ќе го даде својот максимум. Исто така, имаме обврска со нашата игра и однесување да придонесеме за фер и за коректна игра, па нека победи подобриот – изјави Брестовац, тренерот на Металург.

Цврста и изедначена борба Металург и Еурофарм имаа и минатата сезона, кога првиот меч во Битола заврши без победник 27-27, а во реваншот во Скопје Металург славеше со 29-27.

Во првото коло од Суперлигата сезонава Металург го победи Пелистер дома со 28-26, а Еурофарм Работник мечот од првото коло со Вардар го одложи поради настапот на двата тима во куповите на ЕХФ.