На мечот со Швајцарија го очекувам одговорот на најважното прашање – дали сме кадарни да влеземе и да играме на Европското првенство, вели селекторот Данило Брестовац

Македонската машка јуниорска репрезентација за ракометари до 20 години денеска, од 20 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, го игра најважниот и наедно најтежок дуел од групата Б, против првиот ривал за висок пласман, Швајцарија. Избраниците на селекторот Данило Брестовац во 1-то коло убедливо ја совладаа Велика Британија (32-15), а синоќа за противник ја имаа Италија.
– Минатата година, пред да станам селектор на Македонија, на турнирот во Бугојно селекцијата на Швајцарија ја победила Македонија со 17 гола разлика. Но времињата и играчите се менуваат, така што од дуелот со Швајцарија го очекувам одговорот на најважното прашање – дали сме кадарни да влеземе и да играме на Европското првенство – смета Брестовац.

Од прикажаната игра во досегашните мечеви, Белорусија и Литванија во групата А и Швајцарија и Македонија во групата Б се главни фаворити за пласман во полуфиналните пресметки.
– Селекциите на Швајцарија и Белорусија ги гледам како најсериозни пречки на патот кон нашата цел. Затоа во овие два досегашни меча ќе се потрудиме во нападот колку што може повеќе да тактизираме, за што помалку квалитетни информации да им презентираме на нашите ривали. Јасно е дека без агресивна одбрана, не може да се стигне до резултат. Одбраната што ја играме на прв поглед е необична, но играчите го совладуваат системот што го спроведувам и мислам дека од натпревар во натпревар ќе функционираме сѐ подобро – додаде селекторот.

Во досегашните два одиграни меча во швајцарскиот состав според реализацијата со по девет гола се издвоија двете крила Тимоти Реичмут (лево) и Франческо Ардиели (десно). Во бековската линија најефикасен е младиот бек од школата на Кадетен Шафхаузен, Ноа Хас, со осум реализации, а седум гола запиша и неговиот клупски колега, пикерот Јаник Стерчил. За организацијата на швајцарскиот напад е задолжен централниот бек на Сент Гален, Тери Гасер, кој беше реализатор на пет гола, а десната бековска позиција ја покрива најефикасниот стрелец на турнирот во Бугојно минатата година, Михаел Кусио, кој засега има скромна реализација од четири гола.
Во трката за полуфинале не треба да се заборави ни селекцијата на Украина, која ќе биде последната пречка на Македонија за пласман во полуфиналните мечеви, без разлика на исходот од мечот со Швајцарија.