Следни цели на црвено-црните, се одбрана на насловите во Купот на Македонија (викендов) и европската титула во ЛШ, следниот викенд во германскиот град Келн

На едно коло до крајот на сезоната, ракометарите на Вардар ја одбранија шампионската титула во домашното првенство и во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, го подигнаа славеничкиот пехар, по триумфот над Пролет со 38-25 во мечот од 9-то коло од плејоф-разигрувањето.
Поради настапот на завршниот фајналфор-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ), црвено-црните во забрзан ритам ги одиграа дуелите од домашното првенство во кои забележаа девет победи во исто толку мечеви, прокнижувајќи максимални 27 бода.

Второпласиран е Металург, кој со Вардар, мечот од последното коло, ќе го одиграат по завршувањето на фајналфорот во Келн. Металурзите имаат 16 бода по седум одиграни средби, забележувајќи пет победи, едно реми (со Еурофарм) и еден пораз (од Вардар).
За вардарци ова е 12-та шампионска титула, односно четврта во низа во македонското првенство, што го прави најтрофеен македонски машки ракометен клуб. По шест шампионски титули имаат освоено Металург и Пелистер, а по еднаш шампионскиот пехар завршил во рацете на Преспа и на Борец.
За Вардар ова е втора титула сезонава, по освојувањето на славеничкиот пехар и одбрана на титулата во Регионалната лига (РЛ). Следни цели на црвено-црните, се одбрана на насловите во Купот на Македонија (викендов) и европската титула во ЛШ, следниот викенд во германскиот град Келн.