Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ракометарите на Вардар се пласираа во финалето на Купот откако го добија дербито против бранителот на трофејот Металург со 27-22, во првото полуфинале одиграно попладнево во салата „Автокоманда“.

Првото полувреме помина во изедначена игра завршувајќи со предност на Вардар од 14-12, по што „црвено-црните“ го отворија вториот дел со серија од пет гола, користејќи ги техничките грешки на противникот за да го зголемат водството на 19-12, што се покажа како пресудно.

Иван Чупиќ беше најефикасен на мечот со седум гола, додека Кристијан Дисингер и Ловро Јотиќ реализираа по шест удари за Вардар, а Мартин Серафимов и Василие Калуѓеровиќ постигнаа по шест погодоци за Металург. Голманот на Металург Даниел Дупјачанец имаше забележителен настап 15 одбрани, додека на спротивната страна Борко Ристовски забележа 14 интервенции.

Вардар во саботниот меч за трофејот (од 17.30 часот) ќе се сретне со Пелистер, кој убедливо славеше против Бутел со 38-23 во вториот полуфинален дуел.

Вардар има 13 трофеи во Купот, Металург шест, Пелистер пет, а по еден имаат Тутунски комбинат Прилеп, Борец Велес и Шевро Куманово.