Во финалето на 26-то издание на турнирот што се одржа во салата „Младост“ во Битола, Вардар го победи Металург со 30-26

Ракометарите на Вардар по 13-ти пат се победници во Купот на Македонија. Во финалето на 26-то издание на турнирот што се одржа во салата „Младост“ во Битола, Вардар го победи Металург со 30-26. За вардарци ова беше петти Куп трофеј во низа, но и трета одбранета титула сезонава, по освојувањето на пехарите во регионалната СЕХА-лига и во шампионатот на Македонија.
Одличната партија на голманот, Мартин Томовски и цврстата игра во одбраната им овозможи на металурзите да дадат силен отпор и да бидат конкурентни во поголемиот дел од натпреварот.

– Металург воопшто не е наивна екипа и во ниту едно финале не може да биде лесно. Ни дадоа голем отпор, но на крајот ја одбранивме титулата. Сезонава одбранивме три титули, сега на ред е четвртата, најважната во најклучниот период од сезонава. Свесни сме дека сите четири екипи имаат шанси и квалитет. Секогаш е потешко да одбраниш, отколку да освоиш некоја титула – изјави капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов по завршувањето на финалниот меч.

За најдобар голман на финалниот турнир беше избран Мартин Томовски, признанието за најкорисен играч (МВП) му припадна на Дијанис Кристопанск од Вардар, а признанието за најдобар стрелец го поделија Халил Јагањац и Филип Кузмановски од Металург кои постигнаа по седум гола.
На вардарци од обврските во годинашната сезона им остана да го одиграат формалниот меч од плејофот со Металург, како и двата меча на завршниот турнир од Лигата на шампионите (ЛШ) во Келн. Прв противник во полуфиналето од ЛШ на избраниците на Раул Гонзалес ќе им биде тимот на Монпелје.