Одигравме прво полувреме со висок интензитет, но во продолжението не бевме на истото ниво. Не можеше да се очекува да играме исто 60 минути, особено откако имавме солиден резултат по првото полувреме, но и високи девет гола од првата средба. Задоволен сум што во тимот се вратија Борозан и Горбок, оти се комплетиравме и ќе можам да сметам на сите играчи за следните мечеви. Среќен сум што се пласиравме во четврт-финалето од ракометната Лига на шампионите (ЛШ), вели вардаровиот тренер Роберто Парондо, по победата во саботата над Загреб и во реваншот од четврт-финалето, сега со 32-30.

Вардар шести пат во низа се пласира меѓу осумте најдобри екипи (во 2017 и во 2018 година ја прескокна осминафиналната фаза) во ЛШ, но овој пат најубедливо откако се игра фајналфорот. Истовремено ја забележа и 66-та победа, откако во осминафиналето убедливо го елиминира хрватскиот шампион и двократен европски првак Загреб (од 1992 и од 1997 година), со вкупен резултат 59-48 (на гости беше 27-18 за Вардар). Кај Вардар, на вториот меч ефикасноста во нападот беше 63 отсто, на шутот од 78 отсто, а кај Загреб 56, односно 65 отсто.

Црвено-црните во четврт-финалето ќе ги одмерат силите со подобриот од дуелот помеѓу унгарски Сегед и полска Висла, кои вчера го играа возвратниот дуел (во првиот меч Сегед победи на гости со 22-20).

Досега само четири екипи успеале да го повторат резултатот на Вардар, односно да имаат позитивата од 11 гола по осминафиналниот двомеч во ЛШ. Во два наврата тоа бил Веспрем против Адемар со 56-45 (сезона 2012/2013) и против Загреб со 52-41 (2016/2017), потоа Копенхаген против Савехов со 60-49 (2011/2012) и Сегед против Силкеборг со 59-48 (2016/2017).